ФАО работилница: Климатски-паметно земјоделство и органско производство на зеленчук во заштитено одгледување
Во рамките на VIII Симпозиум за Југоисточна Европа (ЈИЕ) за зеленчук и компир се одржa онлајн работилница на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) за климатски-паметно земјоделство и органско производство на зеленчук во заштитено одгледување.
Работилница ја организираа Регионалната работна група на ФАО за стакленичко производство во ЈИЕ, формирана за да ја олесни соработката меѓу земјите од ЈИЕ за размена на знаење и поддршка на иницијативи за истражување и развој во насока на зајакнување на националните капацитети и надградба на технологите за стакленичко производство. Учесници беа научници од Северна Макеоднија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Косово, Република Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција.
На отварањето на симпозиумот, Набил Ганги, заменик-регионален претставник на регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, кој ја истакна важната улога на одржливото производство на зеленчук и компири, што придонесува на глобалниот мандат на ФАО за искоренување на гладот, неухранетоста и сиромаштијата, подобрување на земјоделската продуктивност, како и одржливото управување со природните ресурси и постигнување на целите на ОН за одржлив развој.
„Се соочуваме со глобални предизвици, вклучително потребата за зголемена конкурентност долж вредносните ланци на производство, одржливо производство, синџири на снабдување и потрошувачка, импликации од промената во животниот стил врз здравјето и благосостојбата на луѓето и амбиција за безбедност и сигурност на храната. Зголемените влијанија на климатските промени доведуваат до појава на штетници и болести, како и промени во продуктивноста на одредени сорти. Сето ова влијае врз растителното производство и безбедноста на храната.’’ Во таа насока, истакна тој, “хортикултурно истражување и развој е од особена важност за соодветен одговор на овие реални и претстојни предизвици, со цел зголемување на сигурноста на системите за производство на храна од овошје и зеленчук и нивната конкурентност со фокус на одржливост и намален отпад од храна.”
На работилницата се споделија важни истражувачки информации, технички знаења и практики кои имаат потенцијал да ја зголемат одржливата продуктивност, отпорноста и безбедноста на храната во растителното производство. Главните теми ги опфатија климатски-паметни производствени практики за одржливо заштитено одгледување, паметни енергетски системи и практики за заштеда на енергија за поттикнување на циркуларна економија во земјоделството, придонес на аквапониката за ублажување на климатските промени, вертикално земјоделство, глобални трендови во органското земјоделско производство итн.