Ќе снема ли риба и морска храна – Една третина може да исчезне засекогаш

Ќе снема ли риба и морска храна – Една третина може да исчезне засекогаш

На светот му се заканува исчезнување на една третина од вкупната количина на риба за лов како извор на храна. Рибата е еден од најзначајните елементи во синџирот на исхрана на глобално ниво, особено за одржување на здрава и балансирана исхрана.

Риболовот е значајна економска гранка за многу држави во светот кои се островски или пак имаат големи водени површини, а добар дел од нив се земји во економски развој. Токму зголемената побарувачка, обидот да се биде конкурентен на големите извозници се повеќе придонесува државите да се вртат кон неодржливи практики на риболов.

Освен директната човечка активност во океаните и водените површини, секако голем удел во нарушување на водените еко баланси имаат и климатските промени. Зголемувањето на температурата на океаните може да предизвика масовни екстинции на голем број на водени животински видови што ќе доведе до тежок еколошки, биолошки и природен колапс.

За да не се реализираат овие црни прогнози и сценарија Обединетите нации го одбележуваат 8 јуни како Ден на океаните и водите на светско ниво. Идејата е да се зголеми свесноста за заканите по човештвото и нарушувањето на океаните кои зафаќаат две третини од површината на планетата.

Ribolov odrzlivost

Што може да се преземе?

Обединетите нации периодот од 2021 до 2030 го прогласија како Декада на одржливост на водените површини. Во програмата за одржливост ќе се работи на соработка помеѓу владите, организациите на риболовци, приватниот сектор, групите на потрошувачи и носителите на одлуки.

Клучно за поддршка и унапредување на конзервацијата на морскиот свет и подобрување на риболовот е одржливо управување со количините на расположлива риба за лов и поголема транснационална соработка.

Океаните се белите дробови на нашата планета и главен извор на храна и лекови и критичен дел од биосферата. При апсорпција на јаглерод диоксид (СО2), океанот игра клучна улога во регулирањето на климата, улога што треба допрва да се разбере целосно. Сепак, способноста на океанот да придонесе за регулирање на климата може да се намали, па дури и да се промени во иднина.

Затоа неопходно е да се зголеми бројот на заштитени подрачја каде риболовот и експлоатацијата ќе бидат или целосно укинати или ограничени, а во масовниот риболов и пласманот на риба и морска храна ќе се води сметка за одржливоста.

 

Категории: Зелен развој