Заев и одговори на опозицијата – Над 1 милијарда евра насочени во земјоделството

Заев и одговори на опозицијата – Над 1 милијарда евра насочени во земјоделството

 

Над 1 милијарда евра се насочени во земјоделството, особено во лозарството и одгледувањето на тутун, тврди премиерот Заев. Претседателот на Владата одговараше на прашањата на опозицијата во Собранието за состојбите во земјоделството, за кои тој смета дека се подобруваат и постојано се наоѓаат средства од Буџетот за потребите на земјоделците и граѓаните.

Во однос на оспорениот предлог Закон за продажба на државно земјиште, премиерот и одговори на опозицијата дека целта е секоја педа обработлива почва да биде ставена во функција на економски развој.

„Со новиот Закон дефинитивно ние го штитиме земјоделското земјиште од секаков вид на недоречености или злоупотреби евентуални при управувањето на администрацијата со менаџментот на земјоделското земјиште. Ниту еден земјоделец нема да изгуби земјоделско земјиште кое што го користи од државата. Ако сака да го купи, ќе може да го купи, ако не сака да го купи може да продолжи да го користи на концесија. Не може државата да му наметне како сака, не може да биде на друг дадено, заради што е кај него на користење. Со овој Закон му даваме можност за развој на земјоделството, затоа што нема банка, на индивидуален земјоделец или на правен субјект, да му даде соодветно кредитно покритие за развој на самите земјоделски површини или земјоделско производство. Затоа денеска сè уште е неокрупнето земјоделското земјиште во државата. Затоа нашиот земјоделец работи на еден декар и прави ненормално повисоки трошоци отколку што прави земјоделецот дури и во соседните земји, да не зборувам во Шпанија, Турција, Италија“, истакна Заев од собраниската говорница.

За состојбите во лозарството, премиерот Заев посочи дека 45 проценти во цената, или вкупната сума на пари што ја добиле лозарите е од откупувачите, а 55 проценти од својата земја.

„Тоа никој пат не било така, причините се нормално последиците од КОВИД, што ги намали пласманите на винското грозје, односно виното, останати количини на залихи и неопходноста од интервенција на државата. Државата не се мислеше кога требаше да им се помогне на лозарите и тоа го направи. Покрај стандардните субвенции по хектар, кои се даваат, а се дополнително зголемени во последните години – даде дополнително 2 денари, уште плус 2 денари, па уште 4 денари, па плус мерката за извоз – да стимулира, сé со конечна цел да се откупи и последното зрно грозје. Тоа го направивме. Кога се јавија потребите за дестилирање, тоа беше дополнително можност како алатка да им помогнеме на лозаропроизводителите да дојдат до екстра 4 денари. Парите се сите кај производителите, не се кај откупувачите. Денес кога зборуваме е исплатено сè. Сè. Дополнително со репрограм се најдоа пари и дополнителните средства да можат да бидат исплатени”, објасни премиерот Заев.

Претседателот на Владата посочи дека и мерката за извозот дава резултат.

Категории: Вести

Слични Новости