Нематода може да уништи и две третини од насадот на соја – Како да се третира?

Нематода може да уништи и две третини од насадот на соја – Како да се третира?

 

Сојата потекнува од Источна Азија и се користела во човековата исхрана уште пред 5000 години п.н.е. Во деветнаесеттиот век започнало нејзиното ширење и одгледување во разни делови од светот и моментално претставува култура со големо агротехнолошко значење бидејќи ја остава почвата структурна и збогатена со хранливи материи (првенствено азотни материи).

Постојат повеќе од десет илјади вариетети од оваа култура, кои главно се разликуваат по нивните морфолошки (боја и облик на семе) и комерцијални карактеристики (вариетети за производство на зелена маса или комбинирана употреба).

Како почви кои се најпогодни за сојата се оние кои што имаат длабоки разровкани органски слоеви со неутрална реакција. Со текот на времето, техниката на производството на соја е усовршена  до најпрецизни детали. Познати се скоро сите потреби за ова специфично растение, начинот на управување со почвата и оптимално управување со болести и штетници, но не секогаш можеме да го оствариме посакуваниот принос. Како еден од главните фактори во ограничувањето на количината на испланираниот принос е соината нематода.

Штетникот наречен Соина нематода со латински назив Heterodera glycines претставува закана во сите региони во светот каде што се одгледува сојата. Намалувањето на приносот од страна на овој штетник варира од 30-74%. Како пример за сериозноста на соината нематода во намалувањето на приносот е една научна студија од 2002 година фокусирана на штетите од нематодата во Соединетите Американски Држави каде што како краен резултат од дејството на нематодата во соиното производство биле забележани загуби од 784 милиони долари.

Со потекло од Јапонија или Кина, штетникот константно се шири на сите оние места каде што имаме комерцијално производство на соја. Растенијата кои што се инфицирани од страна на Heterodera glycines создава помал број на цветови, поситни зрна и на крај инфицираното растение угинува. На плодни почви со доволно влага, интензитетот на развојот на болеста е спор и постојат едвај видливи симптоми, но со зголемувањето на популацијата на нематодите во наредните една до две години се забележува општа хлороза и многу слаба развиеност на надземните делови. Од друга страна, кореновиот систем на заразеното растение е послабо развиен и создава слаба симбиотичка врска со азотофиксирачките бактерии, односно помал број на нодули  од здравите растенија. Најкарактеристичниот симптом при појава на соината нематода се жолтеникавите цисти кои се формираат на коренот. Најоптимална температура за развој на нематодите е помеѓу 28 до 30 степени целзиусови.

cisti na korenoviot sistem

Цисти на кореновиот систем

Нематодата презимува во почвата во вид на темно кафеави цисти на длабочина од 90-100 центиметри. Цистите се задебелен слој исполнети со јајца од целосно развиени ларви од втор степен. Ако температурата и влагата се задоволувачки за нематодата, започнува процесот на излегување на ларвите од јајцата и инфицирање на кореновиот систем. Женските нематоди можат да создадат од 300-600 јајца, кои што повеќето остануваат во нејзиното тело се до нејзино изумирање. Целиот животен циклус трае од 21 до 24 дена. Јајцето може да биде способно да создаде инфекција дури и по 11 години.

Соината нематода има мал број на растенија домаќини и нејзиното спречување може да се изврши со правилна смена на култури, односно создавање на плодоред со растенија кои што не се домаќини на соината нематода.

Обично е потребно до две годишни ротации за да се намали популацијата на нематодите во почвата до степен што веќе не претставува ограничувачки фактор за посакуваниот принос. Апликацијата на препарати со нематоцидно дејство е неисплатливо и се препорачува користење на отпорни сорти. Исто така постојат и природни непријатели на нематодата, кои што според одредени истражувања можат да бидат искористени како превенција од развојот на соината нематода во почвата.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури