(ВИДЕО) Употребата на биостимулатори во земјоделското производство се повеќе расте

(ВИДЕО) Употребата на биостимулатори во земјоделското производство се повеќе расте

 

 

За да се поттикне продуктивноста и ефикасноста на растенијата во оптимални или суб-оптимални услови за создавање на храна која што е безбедна за конзумирање, а притоа да се сочува квалитетот на почвата потребно е користење на нови технологии и пристапи во земјоделското производство. Тие нови технологии се повеќе и повеќе се фокусираат на развивање на био-базирани производи кои што позитивно влијаат врз растот и развојот на растенијата. Таквите производи се нарекуваат биостимулатори. Биостимулатори можат да бидат создадени со помош на природни материи или пак како метаболити, односно производи од метаболизмот на различни микроорганизми.

Според Европската Регулатива, биостимулаторите треба да помогнат во подобрување на растенијата во:

  • Ефикасноста при искористување на хранливи материи;
  • Толеранцијата и резистентноста при абиотички стресови;
  • Квалитетните својства на растенијата;
  • Достапноста на хранливи материи во почвата и ризосферата.

Врз основа на нивната природа тие се поделени на не-микробни и микробни биостимулатори.

Не-микробните биостимулатори се: екстракти од морски алги, хумични супстанци со потекло од органски материјали во распаѓање, фосфити и други неоргански соли (соли кои што во својот состав не содржат јаглерод), хитин и деривати од хитосан (природни полисахаради од кои се изградени надворешните заштитни делови на членконогите инсекти и ракови), антитранспиранти како што се абсцисична киселина и восоци, протеински хидролизати и слободни амино киселини и комплексни органски материјали.

Микробните биостимулатори се: бактерии кои што промовираат раст кај растенијата (Бацилус, Ризобиа итн.), не-патогени габи (Видови на Триходерма), симбиотички микоризни габи (габи кои што живеат симбиотички со растенијата преку комплексни механизми и процеси), протозои и нематоди.

За тоа како биостимулаторите помагаат во справувањето на растенијата при абиотички стресови, погледнете го следново видео каде што е прикажано употреба на екстракт од морски алги во услови на суша и високи температури.

Како дел од иницијативата во создавање на био-базирани ѓубрива кои во својот состав содржат биостимулатори е проектот „Биобазирани продукти за ѓубрење како најдобра пракса во управување со земјоделска одржливост’’ (Б-ФЕРСТ). Овој проект со траење од пет години (2019-2024) има за цел да го интегрира био-отпадот и различни видови на биостимулатори во производството на нова генерација на ѓубрива.

Во овој поглед, придонесот на проектот Б-ФЕРСТ се состои во развивање на осум иновативни производи преку кои ќе се обезбедат специфични хранливи состојки со дозирање по мерка прилагодена на потребите на земјоделците со цел подобрување на ефикасноста и одржливоста во земјоделското производство

 

Категории: Зелен развој