Законот за финансиска поддршка на тутунарите пред собраниска комисија

Законот за финансиска поддршка на тутунарите пред собраниска комисија

 

Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на седница која е закажана за денес треба да го разгледа Предлог-законот за финансиска поддршка на тутунарите чија цел е намалување на последиците од корона пандемијата врз производството и откупот на тутунот.

Предвидени се вкупно 307.500.000 денари поддршка. Законот е предложен од Министерството за земјоделство, и се очекува да биде донесен по скратена постапка.

Предвидени се по три денари за килограм произведен и продаден необработен тутун во регистрирано откупно претпријатие согласно Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи од II класа, како и по 16 денари за килограм произведен и продаден необработен тутун во регистрирано откупно претпријатие согласно Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи од III и IV класа.

Средствата беа најавени како дел од петтиот пакет антикризни мерки што ги донесе Владата.

Имајќи ја предвид состојбата со откупот од реколтата 2020 година, во која можеше произведениот тутун да не се откупи и производителите да претрпат загуби од својот труд, се наметна потребата од изготвување ваков закон.

Со законот се уредуваат условите, корисниците, висината и постапката за доделување финансиска поддршка за намалување на последиците врз производството и откупот на тутун предизвикани од КОВИД-19, стои во предложениот текст.

Финансиска подршка согласно овој закон ќе добијат тутунарите кои се корисници на мерката Директни плаќања за произведен и продаден необработен тутун од реколтата 2020 година од Програмата за финансиска подршка во земјоделството за 2021 година.

 

Категории: Вести