Безбедноста пред сè – несреќи во земјоделството

Безбедноста пред сè – несреќи во земјоделството

 

Земјоделството може да биде опасна професија каде не ретко се работи во отежнати услови со огромна механизација. Физичкиот и психичкиот умор кај  фармерите последователно води кон намалена концентрација и зголемување на шансите за да се случи одреден инцидент. Секоја година сме сведоци на изгубени животи и тешки повреди кои настанале при вршење на земјоделските активности и затоа безбедноста при работа треба да биде на прво место. Според Европската агенција за безбедност и здравје на работа стапката на не-фатални несреќи поврзани со работата е за 1.7 пати повисока од просечната, а бројот на фатални несреќи на работното место е три пати повисока од просекот.

 

Најчестите причини за несреќи во земјоделството се:

  • Неправилно управување со трактор
  • Недоволно внимание при управување на тешка механизација
  • Неправилно ракување со приклучна механизација
  • Нефункционален трактор и приклучна механизација
  • Недоволна заштита при извршување на агротехнички операции
  • Пад од висина (од кревки покриви, од дрво и слично);
  • Удари од движечки или паѓачки објекти (бали, дрва итн.);
  • Несреќи и жртви поврзани со добитокот;

 

Несреќи кои се последица од несодветното управување со тракторот и приклучната механизација се најчесто со повреди кои можат да доведат до тежок инвалидитет или пак како краен исход да биде смрт. Несреќите се случуваат во комбинација со несоодветни патишта по кои се движи тешката механизација и недоволна заштита на самиот трактор (немање на заштитна кабина, неносење на појас и транспорт на други патници без соодветно седиште на тракторот). Друг тип на несреќи се оние кои што се случуваат доколку настане дефект на механизација при што операторот може да се здобие со сериозни повреди по целото тело или пак да настане нагмечување од самата механизација при нефункционалност на системите за кочење.

Постојат и ситуации каде што земјоделците се стекнуваат со акутни и хронични заболувања кои што се резултат на недоволна заштита при извршување на агротехничките операции. Таквите заболувања може да бидат акутни труења со хемиски материи доколку земјоделецот не носи соодветна заштита. Акутните труења во најголем дел се респираторни, но не ретко се случува и оштетување на кожата при несоодветно ракување со амбалажата од пестицидите. Хроничните заболувања може да бидат од најразличен карактер, како на пример појава на астма и воспаление на белите дробови при константно вдишување на хемикалии, прашина и полен од растенијата. Денеска, исто така се нагласува и големиот број на земјоделци кои заболуваат од рак кој исто така, е најчесто резултат од несоодветна заштита при апликација на пестициди кои имаат мутагено дејство.

Скршеното или пак нефункционалното седиште на тракторот и самите вибрации на тракторот може да доведат до хронични болки во долниот дел од ‘рбетот, колковите и зглобовите. Исто така, бучавата која што е секојдневие на еден земјоделец може да доведе до постепено или ненадејно губење на слухот.

Како финална последица на која треба да се обрне огромно внимание  претставуваат менталните растројства кои се производ на константниот стрес со кој се соочуваат земјоделците. Факторите кои што се надвор од контролата на земјоделците, како што се намалени приход поради лошата економија на државно ниво, зголемен притисок за сигурно производство, временските непогоди и проблеми со управување на земјоделските стопанства се едни од најголемите предизвикувачи на ментални растројства. Менталните растројства можат да бидат хронична анксиозност, депресија и склоност кон пороци.

Голем процент од горенаведените причини за несреќи и повреди коишто директно се поврзани со земјоделството можат да бидат спречени. Начинот на преведнција зависи од природата на проблемот, но пред се се заснова на користење правилна заштитна опрема. Кај поновите модели од земјоделската механизација се повеќе и повеќе се вградуваат заштитници на најопасните делови од работните површини. Дневните активности на земјоделецот се многубројни каде што се налага повеќекратно симнување и качување на тракторот и поради овие причини многу земјоделци воопшто не користат појас при управување со тракторот, но во опасни ситуации појасот може да спречи повреди дури и фатални последици. Доколку постојат  машини или механизација за кои е потребно поголемо искуство, потребно е на налепница или табла  да се истакнат клучните работи кои што ќе му овозможат на работникот безбедно да оперира или управува.

Покрај заштитата на самите машини, потребна е соодветна заштита која треба да се носи при извршување на специфична операција. Дел од опремата која мора да биде достапна на земјоделецот се ракавици, заштитен шлем, заштитни маски за дишење, чизми, заштитна облека и заштитни очила. Заштитната опрема може во голем процент да ги намали штетните дејства при употреба на пестициди и минерални ѓубрива. Но, дури и правилната заштитна опрема не може да биде максимално искористена доколку носителот на опремата нема соодветна едукација. Затоа едукацијата исто така е важна колку што е важна опремата. Правилно управување со машини, правилна употреба на заштитна опрема и правилно ракување со штетни хемикалии се едни од најосновните елементи во намалувањето на несреќни случаи во земјоделството.

Тимот на Моја Фарма со овој текст сака да ги поттикне земјоделците што повеќе да внимаваат на својата безбедност, и да ги преземат сите мерки на заштита и да упати апел за поголем степен на едукација.

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Механизација