Секој вид на органски отпад може да се искористи за компост или пак да послужи како енергенс за биогориво или производство на електрична енергија. Најголемата штета се прави кога органскиот отпад завршува на депонија наместо да се рециклира или компостира.
За и вие како поединци да бидете дел од решението ви препорачуваме да се обидете да најдете начин за компостирање или во најмала рака селектирање на органскиот отпад кој и да го фрлите на земја нема да создаде речиси никакви последици.
Како да компостирате?
Ако одберете да компостирате, верувајте дека постојат неколку едноставни решенија. Компостерот може да се набави или пак да го направите сами од различни материјали како пластика, дрво, лим и платно. Долниот дел треба да има цврста подлога, а потоа може да додавате повеќе нивоа.
Клучно е измеѓу нив да има празен простор за да циркулира кислородот кој го поттикнува процесот на распаѓање на органскиот отпад.
Кој вид на органски отпад може да се компостира?
Речиси секоја храна која не е индустриски и синтетички создадена може да се компостира, освен млеко и млечни производи кои може да создадат многу лош мирис, како и месо и коски.
Затоа пак, на пример лушпи од јајца, лушпи од овошје и резанки од лубеници или диња, расипан или скапан зеленчук, остатоци од зготвени јадења како ориз, печурки и други состојки може да се „фрлат” во компостерот.
Како да одберете место за компостирање?
За многумина најголем предизвик ќе биде каде да го постават компостерот, дали тој ќе создава непријатна реа, дали ако живеете во стан внатре е премногу тешко да се одржува еден компостер, а на тераса може да создаде проблеми за соседите.
Еден добро затворен систем на компостер со покривка од која навлегува кислород не би требало да создава проблеми со миризба.
Потребно е навремено да го селектирате органскиот отпад за компостирање без оглед дали компостерот ќе го чувате внатре во станот или на терасата или пак во вашиот двор на отворено.
Компостерот треба да биде поблиску до вас и поставен на практична локација за да не губите дополнително време.
Што добивате со компостирање?
За успешно компостирање покрај кислород потребен е и азот. Тој се содржи во влажниот органски отпад кој треба да се комбинира во сооднос 3:1 со сувиот органски отпад (трева, лушпи, сено, лисја и итн.)
По неколку месеци отпадот ќе се претвори во ѓубриво односно во состојка со кафена боја која наликува на почва. Благодарение на дејството на разложување од корисните бактерии и микроорганизми и хемиското влијание на кислородот и азотот се добива природно ѓубриво кое е богато со хранливи состојки.
Ова ѓубриво потоа може да го употребите за прихрана на вашите цвеќиња, растенија или овошки и зеленчуци кои сте ги посадиле. Така ќе заштедите на купување на вештачко ѓубриво и ќе ја заштитите животната средина од загадување.
Автор: Христијан Станоевиќ
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.