Како правилно да изберете трактор за вашата фарма

Како правилно да изберете трактор за вашата фарма

 

Генерално е познато дека во Македонија голем дел од фармерите користат постара механизација. Но, како се развива земјоделството така и се јавува поголема потреба од користење на трактор кој има пософистицирана опрема овозможувајќи вршење на агротехничките мерки за пократок временски период. Освен брзината на извршувањето на задачите, фармерите кои што сакаат да инвестираат во понова механизација се повеќе се заинтересирани и за степенот на комфорност, безбедносни системи, принципот на приклучување на механизација, заштеда на гориво, можност за надоградба на друг вид дигитални и прецизни технологии и уште многу други работи кои што се од круцијално значење.

Во овој текст ќе се фокусираме на основните работи кои што треба да бидат разгледани при купување на нов трактор.

Прво, секогаш треба да се има на ум големината на вашата фарма. За поголеми фарми потребно е трактор со повеќе коњски сили, односно за извршување на операции како што се обработка на почва (орање, култивирање и др), прскање, косење и балирање. Таквиот трактор би требало да има од 50 до 75 коњски сили, додека за помали фарми секој трактор под 50 коњски сили би требало да извршува поголем дел од работните задачи. Покрај јачината на моторот, треба да се земе предвид и јачината на излезното карданско вратило. Различни операции бараат различна јачина на моторот на тракторот и затоа при планирање за тоа каков трактор би требало да имате на вашата фарма, потребно е да направите листа од сите активности кои што би требало да се извршуваат со помош на тракторот. Така полесно може да ги елиминирате сите оние трактори кои што не одговараат на вашите потреби.

Покрај листата на активности, потребно е да направите и листа на досегашната приклучна механизација како и потенцијална опрема која што ви е потребна за производство. Од листата ќе произлезе каков приклучок треба да имате на тракторот, колку хидраулични излези има и каков проток на течност генерира хидрауликата на тракторот.

Трактор

Фото: Pixabay

Исто така, еден од клучните параметри при избор е и теренот по кој ќе оперира тракторот. Според теренот можете да заклучите дали имате потреба од погон на две или четири тркала, големина и шара на гумите. Погонот на четири тркала ви дава предност при работа доколку временските услови се против вас и овозможува ефективно извршување на одредени задачи во услови на дожд и снег.

Дополнително, доколку вашата одлука е купување на половен трактор секогаш треба да се информирате за намените за кои бил користен тракторот од претходниот сопственик, како и за вкупниот број на работни часови. Се препорачува трактор под 5000 работни часа, за да избегнете поголеми механички поправки и поголеми трошоци за одржување.

Дополнително, комфорот во кабината исто така претставува една од најважните работи кои треба да се имаат предвид, бидејќи операторот поголемиот дел од времето ќе го поминува во тракторот. Ова вклучува доволно простор во пределот на педалите, правилен дизајн на контролната табла, можност за подесување на воланот и седиштето, лесен пристап до сите контролери, прегледност и систем за ладење и греење во кабината.

Се надеваме дека овој совет ќе ви биде корисен при избор на трактор кој оптимално ќе одговара на вашите потреби.  Повеќе содржини од оваа област можете да пронајдете во категоријата Механизација.

 

Аврор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Механизација