Сериозен недостиг на масло за јадење во супермаркетите – Цените превисоки!
Во некои од продавниците веќе подолго време се празни полиците каде стои сончогледовото масло за јадење , а таму каде што го има, се продава по цени од 124 и 132 денари. Деблокада и старт на испораката чекаат и од Брилијант. Дирекоторот Коста Ташков за ТВ24, вели поради страв од повисоки цени, се купуваат големи количини.
„Залихи имаме за тековниот месец и во очекување сме да почне испораката од Србија каде имаме договори за набавка на количини за наредните два месеци, а исто така преговараме и со други добавувачи од трети земји со што мислам дека ќе обезбедиме количини до наредната реколта.“ – вели Коста Ташков од Брилијант.
За министерот за економија растот на цената се должи на повисоките цени на суровото масло на светските берзи. Според Бектеши земјава нема проблеми со снабување и производство на масло. Смирува – доколку има потреба во координација со земјоделие ќе носат дополнителни мерки со цел ублажување на нов ценовен раст.
„За основните прехранбени производи како Влада веќе донесовме одлука во делот на намалување на ДДВ-то од 5 на 0 отсто, а правиме и други мерки за утврдување на одредени количини кои преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство би можело да бидат субвенционирани за нашите производители“, рече Бектеши.
Тој напомена дека ДПИ редовно врши контрола и превзема мерки кон трговците.
„Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) редовно врши контрола и согласно законските прописи и врз основа на одлуките донесени од Владата веднаш ќе постапат и ќе се преземат соодветни мерки во случај трговците на мало да биле снабдени, а на нивните полици нема масло за јадење. Доколку тие чуваат резерви тоа е спротивно на одлуката на Владата и спротивно на Законот за заштита на потрошувачите и секако дека ДПИ има законско право да направи проверка и да донесе соодветни мерки“, прецизира Бектеши.