Зелени оази сред градското сивило – УРБАНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО, нова профитабилна перспектива во производството на храна

Зелени оази сред градското сивило – УРБАНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО, нова профитабилна перспектива во производството на храна

Само затоа што живеете во урбана средина, тоа не значи дека не можете да се занимавате со некаков тип на земјоделска активност и истата да прерасне во перспективна професија. Концептот на урбано земјоделство веќе е растечки светски тренд.

Интересот за производство на храна кај луѓето кои живеат во урбани средини па дури и во големите метрополи, е сѐ поголем. Овој мотив е воден од сѐ поголемата свесност за влијанието на храната врз здравјето на луѓето што придонесува потрошувачите да имаат потреба за поголема контрола врз производството на храната која ја консумираат; се пониската доверба во интензивниот корпоративен сектор во производство на храна поддржан со „агресивни“ маркетинг кампањи кои често знаат да ги релативизираат штетните својства; како и свесност за потребата од зголемена одржливост на процесот на производство на храна со цел зачувување на животната средина. Развојот на социјалните медиуми кој во значајна мера ја намали цената за промоција како и неговата флексибилност во споредба со скапиот и гломазен традиционален маркетинг, е уште еден значаен мотив за вложување во иновативни пристапи на производство на храна во урбани средини.

Што е урбано земјоделство и зашто е важно?

Урбано земјоделство, исто така наречено урбано фармерство (urban farming) е производство или одгледување на храна во град или други густо населени области. Урбаното земјоделство е можност луѓето да ја остварат својата страст за земјоделство а при тоа да не треба да се иселат надвор од градот и да инвестираат во рурални средини. За разлика од конвенционалното земјоделско производство, меѓу најзначајните придобивки на урбаното фармерство е тоа дека обезбедува поголема сигурност за безбедноста на храната, го намалува отпадот како резултат на скратување на логистичкиот ланец, овозможува поголема вклученост на заедницата во процесот на производството и полесен увид на крајниот потрошувач во самото производство.

Главни фактори кои влијаат за развој на овој концепт на производство на храна се потребата на луѓето да се информирани за тоа од каде доаѓа храната која ја консумираат, свесноста за ефектот што транспортот на храна може да го има врз климатските промени, свесноста за големите количини на отпад на храна, како и зголемената побарувачката за локално одгледувани, одржливи и органски производи. Храната произведена во урбаните фарми може да се продава на зелените пазари, директно „онлајн“ со достава до дома, во ресторани или продавници за храна.

Какви типови на урбано земјоделство постојат?

Урбаното земјоделство може да се воспостави во речиси секоја област на градот како јавни места и паркови, станбени згради и станови, на покриви, до ресторани, во дворови и слично. Во зависност од просторот, типот на технологијата, видот на храна која се произведува како и за кого е наменета денес постојат голем број на уникатни типови на урбано земјоделство.

  1. Вертикално земјоделство

Вертикалното земјоделство вклучува одгледување на култури во слоеви кои се наредени вертикално. Ова може да се постигне со одгледување на растенија на полици или на специјално модифицирани палети кои може да се вградат на огради или ѕидови. Вертикалните фарми може да се сместат во подруми, гаражи, контејнери за транспорт и слично. Најчесто овој тип на производство се комбинира со други иновативни техники како аквапоника или хидропоника во средина со контролирани микроклиматски услови. Вертикалното земјоделство обезбедува квадратен метар на простор да се искористи многу поефикасно во споредна со конвенционално земјоделско производство бидејќи на многу растенија не им треба многу вертикален простор за раст. Капацитет од  три или четири полици со растенија една врз друга на еден квадратен метар може да го зголеми капацитетот на одгледувани растенија за 300% до 400% во споредна со конвенционално производство.

2. Хидропоника

Хидропониката е систем на одгледување растенија без почва. Во овој  метод на одгледување на растенија  хранливите материи се додаваат во водата во која растат растенијата. Водата постојано циркулира во слојот на кореновиот систем растенијата. Материјали од типот на чакал, перлит, кокосов супстрат, се користат за да се обезбеди поголема физичка поддршка за растенијата како и поддршка за задржување на хранливите материи во водата. Во хидропонските системи на одгледување можат да се користат хемиски и органски ѓубрива.

Бидејќи водата во системите за хидропоника се рециклира и повторно се користи, хидропониката преставува методот кој обезбедува голема заштеда на вода. Конвенционалната фарма користи околу 400 литри вода за да произведе килограм домати, додека хидропонскиот систем може да ја произведе истата количина користејќи само 70 литри вода. Значајна предност на овој систем е тоа што овозможува одгледување на растенија и во предели со најсурови климатcки услови. Овој систем на урбано фармерство е еден од најистражуваните во подготовката за мисиите на НАСА за населување на човечка колонија на Марс.

3. Аквапоника

Аквапоника е секој систем кој комбинира конвенционална аквакултура (одгледување риба или друг морски живот) со хидропоника. Овој метод создава симбиотска врска помеѓу рибите и растенијата. Рибите јадат храна и произведуваат амонијак додека бактериите во водата во која егзистираат рибите го претвораат амонијакот во хранливи материи за растенијата. Растенијата ги апсорбираат хранливите материи, кои делуваат како природно ѓубриво. Во целиот систем  водата постојано се рециклира за да може циклусот да заокружи.

Тилапијата е еден од најпопуларните видови риби користена во аквапонскиот систем на производство на растенија. Оваа риба е вкусна, има солидна пазарна вредност и со тоа преставуваат дополнителен приход на приходот добиен од растенијата кои веќе се одгледуваат. Зелениот лиснат зеленчук како марулата се покажал како најдобар и е најлесен за одгледување во аквапонски систем, иако постојат примери и на одгледување и на други видови на растенија како краставици, пиперки и домати.

4. Фарми во контејнери за транспорт

Ако климатските услови во урбаното место каде што живеете не се поволни за одгледување на растенија или пак сакате да воспоставите постабилна средина за одгледување (пр. без ризик од напад на штетници), фармите во контејнери кои се користат за транспорт се одлична опција. Тие заземаат мал простор и нивната форма овозможува оптимално да се искористи расположливиот простор.

Во контејнерите може да се инсталираат специјални системи за осветлување, за контрола на климата, како и други системи кои овозможуваат да се создаде оптимална средина за одгледување на растенија. Може да се инсталираат полици како во случајот на вертикалното производство и со тоа целосно да се оптимизира просторот во контејнерот.

Најчесто одгледувани култури во овој систем се печурките, микрорастенија или зелениот лиснат зеленчук, бидејќи овие култури не заземаат многу простор. Навидум, овој систем не изгледа доволно голем за да оствари задоволителен приход. Сепак, во пракса, овој метод во комбинација со добро менаџирање и добар маркетинг може да даде одлични резултати.

5. Производство на покрив од зграда

Во централните подрачја на градот, зелените простори се најчесто наменети за паркови и имаат голема вредност имајќи предвид дека се сè поретки како резултат на брзото темпо на урбанизација. Во вакви услови, развиените урбани центри утврдиле дека покривите на висококатниците и пониските станбени згради се недоволно искористен простор, односно преставуваат значаен ресурс кој може да се искористи за урбано земјоделство.

Подигнати подлоги за одгледување, оранжерии, па дури и кафези за одгледување на животни како на пример кокошки, на покривите од зградите се едни од можностите за урбано земјоделство. Каков тип на метод на одгледување ќе се примени, зависи од интересот на станарите, од тоа колку добра и одржлива идеја има инвеститорот, што дозволува самиот простор и дали постојат законски ограничувања за ваков тип на бизнис.

За овој тип на урбано земјоделство, од технички и технолошки аспект најнапред потребно е да се внимава да се осигура дека објектот може физички да поддржи ваков тип на фарма. Имено, почвата може да тежи илјадници килограми и истата станува уште потешка кога се наводнува. Од таму потребно е да се внимава и да се оцени дали покривот може да го издржи товарот на соодветниот концепт на фарма која е во план да се инсталира. Од голема предност би било доколку од самиот почеток на изградбата на зградата во проектот e предвидено инсталирање на фарма на покривот. Друг предизвик кај овој тип на фарми е логистичкиот аспект. Имено, поставувањето, одржувањето и евентуалното деинсталирање на една фарма на покривот на зграда е комплициран процес имајќи предвид дека целокупниот материјал треба да се пренесе преку скали или со лифт. 

6. Одгледување на печурки

Иако навидум изгледаат како култура која е несекојдневна за урбаното земјоделство, праксата покажува дека печурките преставуваат една од најприлагодливите и најдоходовните култури за ваков тип на земјоделство. За одгледување на печурки потребно е голема проѕирна пластична вреќа која се полни со медиум за растење како талог од кафе или слама. Вреќата се инокулира со мицелиум од видовите печурки што се обидувате да ги одгледувате. По периодот на инкубација во кој мицелиумот ја колонизира вреќата (слично како што растенијата го развиваат кореновиот систем), на вреќата се сечат дупки за да се изложи на воздух, додека плодот од телото на печурката почнува да расте. 

Постојат две работи кои можат да бидат предизвик за понеискусните одгледувачи на печурки. Првиот е избегнување на контаминација од мувла или други габи кои може да ги заразат вреќите за растење и да почнат да се „натпреваруваат“ со видовите кои се обидувате да ги одгледувате. Во случај тие да надвладеат, негативно влијаат на  мицелиумот што може да кулминира со уништување на целата популација на печурки. Вториот предизвик е одржување на соодветни услови за одгледување на печурките, особено додека тие се плодни. Од особено значење е запазувањето на температурата и влажноста на воздухот. Ако влажноста е премногу ниска, може да предизвика мицелиумот да се исуши и да не произведе печурки. Ако е премногу висока, може да лесно да се создадат поволни услови за мувла. Користењето вентилатори за одржување на протокот на воздух може да помогне во значајна мера за одржување на поволни микроклиматски услови за одгледување на оваа култура.

7. Микрорастенија

Микрорастенија се ситните никулци од зеленчук што се собираат кога се стари само неколку дена, па сѐ до две недели. Речиси секој зеленчук може да се одгледува како микрорастение, но сончогледот, грашокот и ротквиците се едни од најпопуларните. Карактеристично за овој метод на урбано земјоделство е тоа што циклусот за добивање на финалниот плод е многу пократок во споредба со конвенционалните култури. Најчесто циклусот трае од 7 до 14 дена за повеќето видови на микрозелени растенија, за разлика од 90 дена или повеќе за некои традиционално одгледувани култури како домат, пиперка и други. И покрај нивната мала големина, микрорастенијата се преполни со хранливи материи и стануваат популарен избор за оние кои се свесни за влијанието на храната врз здравјето. Најчесто се користат како додаток во салати или смути. Професионалните готвачите  често пати ги користат микрорастенијата како гарнир бидејќи даваат убав естетски изглед на менито кое го служат.

 
  

Микрорастенија зафаќаат многу малку простор и можат да се одгледуваат во една соба или транспортен контејнер. Процесот е во голема мера автоматизиран, особено во делот на наводнување, загревањето и осветлување (ЛЕД) кои се синхронизирани со систем на тајмери.

Автор: Редакција МОЈА ФАРМА

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Зелен развој

Слични Новости