Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, нов партнер на Мојафарма.мк

Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, нов партнер на Мојафарма.мк

 

На 15.10.2021 година, во просториите на Деканатот на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ФЗНХ Скопје) – беше остварена средба помеѓу претставници на дигиталниот портал Моја Фарма и претставници од Деканатот на ФЗНХ Скопје. На средбата беа презентирани идеи и пристапи на меѓусебна соработка за развој на Моја Фарма  како  специјализиран дигитален медиум со цел доближување на земјоделството, земјоделската наука и индустријата на храна до пошироката јавност, со посебен ацент на помладата популација. Со овој меморандум за соработка ФЗНХ Скопје официјално стана партнер на Моја Фарма што претставува значајно зајакнување на капацитетите за кредибилно информирање и едуцирање на својата читателска публика. Овој настан е еден од низата активности на тимот на Моја Фарма во правец на развивање на современ  дигитален простор за секоја интересна група во индустријата на храна.

Меморандум Моја Фарма ФЗНХ

 

Факултетот за земјоделски науки и храна е реномирана образовна институција, со долга традиција од 74 години. ФЗНХ Скопје е формиран на 16.12.1947 година и е еден од основачите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во својата долгогодишна традиција, Факултетот остварува плодна наставна, научно-истражувачка и апликативна работа, како и активна соработка со домашни и странски сродни институции. Во однос на капацитетите со кадар и опрема, Факултетот е врвна институција од областа на земјоделството и храната. Денес, наставниот кадар на ФЗНХ Скопје брои 69 професори. На Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2021/2022 имаше отворено 460 слободни места, соодветно распределени во посебни студиски програми.

Тимот на Моја Фарма има богато академско и практично искуството во сите области кои ја креираат технолошката и економската околина на секторот земјоделство и индустријата на храна. Локалниот тим на Моја Фарма е збогатен со експерти и дописници од земји во регионот како што се Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, како и експерти од врвни образовни институции од Шпанија, Италија, Чешка и Унгарија, кои се занимаваат со применета наука во земјоделство и индустрија на храна.

 

Категории: Вести