Како преку прецизни податоци во технологијата на земјоделско производство да се постигне одржливост
Со зголемената побарувачка за одржливи производи, веродостојните податоци во земјоделското производство се клучни за успешно подобрување на производствени практики и исполнување на “зелените” политики кои се повеќе се наметнуваат во светот. Но, како тоа може да се изведе во пракса? Подетално ќе разгледаме еден протокол кој го спроведува ова во акција.
Одржливите извори се високо на агендата на Европската комисија, од нејзината водечка политика за храна, стратегијата „Од фарма до вилушка“, која има за цел да ја подобри одржливоста во секоја фаза од системите за растително производство, до нејзиниот нов акционен план за Циркуларна Економија.
Но, иако и двете стратегии ставаат силен акцент на потребата од мерливи, проверливи податоци, менаџирањето на овој процес може да претставува вистинско „минско поле“ за производителите.
„Имаме многу податоци кои ги собравме, но потоа, кога се обидувате да ги сортирате сите овие податоци – сѐ станува конфузно, па си помислувате „што значи сето ова!?“, изјави американскиот фармер за памук Арон Барчелос во интервју за Euractiv, надоврзувајќи се „ Тоа е вистински предизвик!“.
За да помогне во рационализацијата на ова, Барчелос, заедно со стотици други американски производители на памук, потпишаа протокол за одржливост наречен „Протокол за доверба на американскиот памук.“
Протоколот за доверба, кој поставува нов стандард за поодржливо одгледуван памук, ги инструментализира податоците како начин да им помогне на земјоделците да ја подобрат нивната одржливост, а истовремено им нуди гаранции на трговците на мало за квалитетот на нивниот производ.
Мерењата на Протоколот за доверба на американскиот памук се единствени, на начин каде што напредокот на одржливоста се проверува со помош на податоците собрани од операциите пред садењето до пост-бербените операции“, објасни Дипика Мишра, специјален советник на американскиот Протокол за доверба на памук.
На овој начин, Протоколот за доверба носи квантитативни и проверливи цели и мерења во производството на памук за да помогне во подобрувањето на клучните метрики за одржливост.
„Прецизното собирање податоци ја поставува основата за соодветни одлуки за животната средина“, рече Мишра, нагласувајќи дека анализата на податоците е „добра исто колку и квалитетот на податоците добиени за време на процесот на прибирање“.
„Неточноста на податоците ќе доведе до погрешни заклучоци поради погрешно толкување на резултатите“, предупреди таа.
- Потребно е семејство за да се подигне родот
За да се соберат овие податоци, Протоколот за доверба работи во низа чекори преку партнери и посредници.
Прво, одгледувачите извршуваат самопроценка на најдобрите практики за девет клучни параметри, меѓу кои: здравјето на почвата, управувањето со водите и биодиверзитетот.
Земјоделците потоа собираат и внесуваат податоци користејќи ја платформата „Од поле до пазар“ каде што производителите ги следат нивните податоци за да имаат претстава од каде доаѓа и како е одгледуван примарниот производ.
Витална компонента на платформата „Од поле до пазар“ е Калкулаторот за теренски отпечаток (FPC), при што производителите внесуваат информации поврзани со управувањето со нивното земјоделско работење на теми како што се ротации на културите, практики за примена на хранливи материи и ѓубрива и управување со штетници.
Калкулаторот потоа ги користи овие информации за да обезбеди резултат за еколошките метрики како што се квалитетот на водата, користењето на земјиштето и зачувувањето на почвата и јаглеродот.
„Со помош на метричкиот резултат, производителите можат да ги споредат своите резултати и со државниот и со националниот просек, што му помага на производителот да разбере каде стојат со другите производители во нивниот регион и да имплементираат практични и специфични практики за регионот“, појаснува Мишра.
- Фокусираност на прибирање податоци на начин погоден за земјоделците
„Користењето на вакви платформи им олеснува на земјоделците да ги внесат своите податоци“, вели Алисон Томсон, потпретседател за наука и истражување во платформата „Од поле до пазар“.
„Често слушаме дека најтешкиот дел за нашите проекти е да ги натераме земјоделците да ги внесуваат податоците. Знаеме дека клучната бариера е токму тоа, да се натера фармерот да седне и да ги внесе сите информации. Работиме на многу начини да го олесниме тоа“, објасни таа.
За Томсон, чија улога е да се осигура дека мерењата потребни за проценка на одржливоста се засноваат на најновата наука. Употребата на таквите платформи им помага на земјоделците да видат дека мерките што ги спроведуваат на нивните фарми функционираат.
„Многу од нашите фармери се прилично прогресивни, тие сакаат да ги усвојат најновите практики за одржливост, но сакаат и да можат да видат дека тоа функционира. На тој начин, тие наоѓаат вредност во нашата платформа“, рече таа.
- Резултати во однос на практиките
Томсон истакна дека силата на Протоколот за доверба е неговиот фокус на резултатите, наместо на практиките.
„Во Европа, програмите се многу повеќе фокусирани на практики отколку на исходи. Но, целата наша програма е дизајнирана на начин каде што нема да ви кажеме колку ѓубриво да нанесете, туку каков е еколошкиот исход од тој избор“.
„Не сакаме да им диктираме на земјоделците што да прават. Тоа што сакаме е да ги следиме вашите резултати и да ви помогнеме да ги подобрите истите“, објасни таа, нагласувајќи дека фармерите се клучни играчи, засегната страна која е многу важна во целиот овој процес.
Извор: EURACTIV