Какви видови на минерални ѓубрива постојат?

Какви видови на минерални ѓубрива постојат?

 

Растенијата при процесот на раст и развој имаат потреба од хранливи материи кои ги абсорбираат од почвата преку кореновиот систем. Минералните ѓубрива овозможуваат достапност на најглавните хранливи елементи (азот, фосфор и калиум, како и секундарните елементи) кои му се потребни на растението. Доколку почвата каде што имаме постојано производство не се обновува со  хранливите материи капацитетот на производството постепено опаѓа по секоја жетва или берба.

За производство на минерални ѓубрива се користат милиони тони на материјали кои што природно се сретнуваат во природата како што се воздухот, природниот гас и разни видови на руда.

Азотни ѓубрива

Ѓубривата кои што се базирани на нитрати се најкористени ѓубрива во Европа. Постојат повеќе вида на нитратните ѓубрива од кои амониум нитратот (AN) и калциум амониум нитратот (CAN) се користат скоро во сите делови на Европа, а изборот помеѓу овие две ѓубрива најчесто зависи од климатските и почвените услови. За разлика од нив, нитратните ѓубрива, уреата и уреа амониум нитратот (UAN) – воден раствор, се приспособени да се користат во другите делови од светот. Друг вид на азотни ѓубрива се амониум сулфатт, амониум сулфат нитрат, калциум нитрат, натриум нитрат, Чилеански нитрат и амонијак.

Азотни ѓубрива со инхибитори

Одредени атмосферски и почвени услови може да предизвикаат имобилизација, денитрификација, испарување или истекување на азотните ѓубрива со што се намалува ефикасноста. За таа цел, индустријата за ѓубрива има развиено специјални видови на ѓубрива кои се дизајнирани за намалување на овие ефекти. Тие видови можат да бидат фолијарни, азотни ѓубрива со споро и контролирано испуштање, како и додатоци како што се уреазата и нитрификациски инхибитори.

Фосфорни ѓубрива

Најчести фосфатни ѓубрива се единечен суперфосфат (SSP), троен суперфосфат (TSP), моноамониум фосфат (MAP), ди-амониум фосфат (DSP) и амониум полифосфатна течност.

Различни производи за ѓубриво имаат различни профили на ослободување и им требаат различни подесувања на ѓубрерастурачот за ефикасна примена.

Калиумови ѓубрива

Калиумот е достапен и во низа ѓубрива кои содржат само калиум или две или повеќе хранливи материи. Најпознати се калиум хлорид (KCl), калиум сулфат (K2SO4) или сулфатна поташа (SOP), калиум нитрат (KNO3), познат како KN.

Калциумови, магнезиумови и сулфурни ѓубрива

Калциумот (Ca), магнезиумот (Mg) и сулфурот (S) се основни секундарни хранливи материи за растенијата. Тие обично не се применуваат како основни ѓубрива, но може да бидат аплицирани во комбинација со примарните хранливи материи азот (N), фосфор (P) и калиум (К).

Сулфурот често се додава во ѓубрива за директна примена како што се амониум нитрат или уреа. Други извори на сулфур се единечен суперфосфат (ССП), калиум сулфат (СОП) и калиум магнезиум сулфат (Каинит).

Кизеритот е минерал на база на магнезиум сулфат кој се ископува и се користи како ѓубриво во земјоделството, главно за да се надомести недостатокот на магнезиум. Калциумот главно се применува како калциум нитрат, гипс (калциум сулфат) или вар/доломит (калциум карбонат), од кои калциум нитратот е единствениот растителен достапен извор на калциум.

Ѓубрива кои соддржат микроелементи

Денес, голем број на специјални ѓубрива се достапни за снабдување на растенијата со важни микроелементи, како што се железо, манган, бор, цинк и бакар. Овие можат да бидат или неоргански или органски соединенија, додека пак неорганските видови понатаму се делат на растворливи во вода и нерастворливи производи.

Инхибитори

Постојат два главни типа на инхибитори кои се достапни за земјоделците во ЕУ.

Инхибитори на нитрификација се хемиски соединенија кои ја одложуваат нитрификацијата на амониумот со потиснување на активноста на бактериите нитросомонас во почвата. Целта е да се зачува амониумот во неговата стабилна форма и да се забави неговото претворање во нитрат. Ова привремено го намалува процентот на нитрат во почвата, а со тоа и потенцијалот за загуби при истекување во вода или формирање на N2O гас во атмосферата.

Инхибитори на уреаза се хемиски соединенија кои го одложуваат првиот чекор на деградација на уреата во почвата, хидролизата што може да создаде емисии на NH3 и кои може да се појават пред неговата трансформација во амониум. Тие придонесуваат за значително намалување на емисиите на амонијак во воздухот, еден од најголемите загадувачи на животната средина.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури