Нега на расад

Нега на расад

 

За постигнување висок квалитет на расадот од зеленчук важно е навремено и прецизно да се применуваат мерките за нега. Потребно е внимателно да се следат параметрите во заштитениот простор каде се врши производството со цел да се навремено да се интервенира и да се обезбедат оптимални услови за раст и развој на растенијата. 

Бидејќи производството на расад во зимскиот период се одвива во загревани објекти, високите температури и зголеменото присуство на влага во комбинација со редуцирана природна светлина може да резултираат со формирање растенија со слаб квалитет, кревки и издолжени. Заради тоа задолжително е заштитениот простор редовно и секојдневно да се проветрува. Во најстудените денови доволно е проветрувањето да се изврши во најтоплиот дел од денот, во времетраење од 1 час, додека во потоплите денови интервалите и периодот за проветрување се продолжуваат.

Во однос на светлината треба да се внимава да се обезбеди што е можно поголемо количество, особено во периодот по никнувањето. За форсирање на производството може да се примени и дополнително осветлување кое може да ја зголеми раностасноста за 20 денови и приносот за 25-30%, а цената на производството и покрај трошоците за електрична енергија може да се намали за 15-20%. Доколку се применува дополнително осветлување, производството треба да се тајмира за расадот да стаса за садење на постојано место во период кога ќе има доволно светлина.

Количината на вода за наводнување и интервалите на залевање зависат од начинот на загревање на заштитениот простор и од временските услови. Во принцип наводнувањето се врши кога супстратот ќе се засуши. Во пракса се препорачува наводнувањето да се извршува поретко, но со поголема количина на вода која ќе овозможи влажнење на целиот супстрат каде се развива кореновиот систем. Често се случува производителите од страв да не се засушат растенијата да наводнуваат пречесто, а тоа резултира со успорен развој на коренот и зголемен ризик од појава на болести. Наводнувањето се врши во претпладневните часови, за да може вишокот влага во текот на денот да се отстрани со проветрување. Кај зеленчукот освен квалитетот на водата за наводнување, улога има и температурата (оптимална е 18-20˚C). Премногу студена вода делува стресно и го забавува растот и развојот на младите растенија.

Прихраната на расадот треба да се врши внимателно. Доколку се користи стерилен тресетен супстрат, тој има доволна количина на хранливи материи за почетните фази на раст во период од 2 до 3 недели. Со ѓубрење се започнува најрано по формирање на 2 вистински листови и тоа на два начина: фолијарно или преку системот за наводнување. Со фолијарната примена треба да се внимава на опремата, прскалката што се користи да е чиста и да не се претходно аплицирани хербициди со истата. Фолијарните апликации се вршат на 7-10 денови со формулации на база на фосфор. Доколку се користат минерални NPK ѓубрива со залевање, треба да се внимава растенијата потоа да се измиваат со чиста вода. Концентрацијата зависи од состојбата на расадот и составот на ѓубривото и може да се движи од 0,2 до 0,5%, со динамика на апликација на секои 7 до 14 денови. За полесно прифаќање на расадот на стално место, пред расадувањето потребно е да помине период на калење на расадот што подразбира намалено наводнување (засушување) и намалување на температурата во заштитениот простор, односно изложување на младите растенија на услови слични на надворешните. Во овој период се препорачува прихрана со ѓубрива на база на калиум (0,5% раствор од калиум сулфат) што влијае на подобар развој на коренот, се зголемува цврстина на стеблата, како и зголемување на отпорноста на растенијата.

Во расадопроизводството најголем причинител на проблеми е габата Pythium spp. што предизвикува полегнување (топење) на расадот, но може да се појават и други габични заболувања. Како превентивни агротехнички мерки се применуваат редовното проветрување и мониторирање на влажноста во заштитениот простор, како и третман со фунгициди (со активна материја captan, mancozeb, propamocarb итн.) и тоа на секои 10-14 дена доколку има поволни услови за развој на болести.

Полегнување на расад

Извор: vegcropshotline.org

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Едукација, Култури