Правилно складирање на свежи производи – операција од која зависи дали ќе го остварите максималниот профит
Квалитетот на зеленчукот и овошјето се оценува според нивната големина, форма, боја и цврстина. Овие визуелни атрибути заедно со органолептичките својства, како што е мирисот и вкусот, помагаат при одлучување на купувачот да се одлучи токму за тој производ што директно влијае на зголемувањето на приходот на произведувачот. Свежите производи отсекогаш биле важна компонента во светската трговија со храна, но и до ден денес пост-бербените загуби кај произведувачите претставува предизвик. Пост-бербените загуби всушност претставуваат намалување на квалитетот и квантитетот на производот од моментот на бербата па се до конзумација од страна на крајниот потрошувач. Според одредени извори загубите кои што се случуваат на пазарот на свежи производи изнесуваат од 5-25% во развиените земји и од 25-50% во земјите во развој.
Сите свежи производи по бербата се сè уште метаболички активни организми сè до моментот кога ќе бидат преработени или пак конзумирани. Во зависност од условите, во капацитетите за складирање се случуваат разни физиолошки процеси (дишење, зреење, стареење) кои го намалуваат квалитетот и трајноста на свежите производи. Исто така, преку процесот на берба голем број на микроорганизми и инсекти можат да бидат внесени заедно со зеленчукот и овошјето, кои што дополнително можат да ги деградираат квалитативните својства.
Фактори кои влијаат врз долготрајноста на свежите производи
Температура – Зголемување на температурните вредности во просториите за складирање значително го зголемува степенот на природната респирација (дишењето) на сите свежо наберени производи. Во овој процес настанува испуштање на одредена количина на вода и продолжување на сите метаболички процеси. Намалување на температурата го намалува степенот на дишење и со тоа се зголемува долготрајноста на производот.
Транспирација и губење на вода – Високи температури, намалена релативна влажност и оштетувања на плодовите можат драстично да придонесат кон губиток на достапната количина на вода, до степен кој е многу поголем од губитокот на вода кој може да се случи при процесот на респирација опишан погоре.
Механички повреди – Сите оние повреди кои што настанале при процесот на берба и транспорт до просторот за складирање ги зголемуваат шансите за намалување на квалитетот на производот. Неатрактивните производи со нарушена форма и изглед директно ја намалуваат економската вредност. Освен неатрактивност, механичките повреди создаваат услови и простор за навлегување на одредени патогени, дури и во складишта со соодветен систем за ладење и започнување на процесот на гниење.
Гниење на плодовите – Овој процес најчесто се должи на активноста на микроорганизмите (бактерии и габи). Овие инфекции можат да настанат и пред бербата на плодовите, но нивното активирање започнува по бербата преку појава на карактеристични симптоми во процесот на зреење.
Управување со температурата
Најважниот параметар во продолжување на долготрајноста на свежите производи. При извршување на бербата која најчесто се одвива во периоди со многу високи температури, потребно е свежите плодови што побрзо да се транспортираат од полето или затворениот простор. При транспортот може да се користат различни методи за разладување како што се ладна вода, лед, водена магла, воздушно ладење и друго.
Свежите плодови треба да се транспортираат до просториите за складирање. Тие треба да бидат добро конструирани со температурна и влажна изолација. Подовите треба да бидат направени од издржлив материјал и лесен за чистење. Просторот треба да обезбедува доволен капацитет за потребите на произведувачот со добро дизајнирани врати за побрз утовар и истовар на производите. Дополнително, треба да се обрне внимание на моќноста на системот за ладење и правилно движење на ладниот воздух низ целиот простор, како и на достапноста на контролерите за температура. При складирањето на плодовите треба да се внимава на распоредот и просторот помеѓу контејнерите за да не се блокира циркулацијата на воздух.
Управување со влажност
Правилна релативна влажност за поголемиот дел од овошните плодови изнесува помеѓу 85-95%, за зеленчукови плодови 95-98% и 95-100% за коренести плодови. Релативната влажност може да се контролира со помош на навлажнувачи на воздух, управување со циркулацијата на воздухот во просторијата, навлажнување на подот од просторијата или пак додавање на кршен лед кој постепено ќе ослободува влага.
Контрола на атмосферата во просторот за складирање
Овој процес претставува изменување на застапеноста на одредени гасови во просторот за складирање и секогаш е различен од вистинската застапеност на гасовите што нè опкружува. Обично за постигнување на долготрајност на производите потребно е да се намали присуството на кислород и да се зголеми количината на јаглероден диоксид. Овој начин треба секогаш да се користи како дополнителна помош во простории кои што веќе имаат добро воспоставени системи за контрола на температура и влажност. При имплементација на контрола на атмосфера се намалуваат повредите кои што настанале при процесот на ладење, намалување на активноста на микроорганизмите и инсектите.
Дополнителни начини за зголемување на долготрајноста на свежите производи
Користење на полупропустливи премази кои што се јадливи може значително да го намалат губењето на вода, дишењето, размената на гасови и зреењето. Исто така, придонесува кон подобрување на цврстината и задржување на бојата на плодовите. Во светот се повеќе и повеќе се користат овие продукти за транспорт на егзотични овошја.
Користење на есенцијални масла добиени од ароматични растенија претставува економичен начин на презервација на плодовите пред сè поради нивните антибактериски и антиоксидантни карактеристики. Употребата на екстракти од цитрус или од жалфија може значително да ја намалат активноста на микроорганизмите.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.