Како градовите го решаваат проблемот со обезбедување на сигурна и здрава храна за сите граѓани
336 Прегледи
Категории:
Зелен развој
Градовите ширум светот се развиваат и растат со различна динамика. Градските подрачја сè повеќе и повеќе можат да понудат различни услови за живот каде што жителите ќе имаат можност да просперираат, изградат кариера и да ги уживаат сите благодати кои ги нуди урбаната средина. Но, од друга страна, константниот раст и зголемениот број на жители во една скоро ограничена површина се повеќе придонесува градските подрачја да бидат под постојан притисок за обезбедување на доволни количини здрава и безбедна храна.
Локалната самоуправа има ограничена улога во обезбедувањето на сите жители со доволно соодветна, квалитетна, безбедна храна. Во овој контекст, како ограничувачки фактори се јавуваат: нестабилност и брзо зголемување на цените на храната, нарушување во синџирите за снабдување со храна поради природни катастрофи и ефекти од климатските промени, а воедно и поради актуелната здравствена пандемија.
Се проценува дека до 2050 година во светот ќе живеат околу 9,7 милијарди луѓе. Не само што ќе се зголеми побарувачката за храна, туку дополнителен предизвик со кој ќе се соочат системите за храна е тоа што над 70 % од луѓето ќе живеат во градовите. Затоа, потребно е преиспитување на улогата на градовите како промотори на позитивни промени и нивно подготвување за справување со претстојните предизвици.
Во основа, просперитетот и издржливоста на градовите и нивните заедници се поврзани со доброто функционирање на системите за храна, односно процеси од стабилно снабдување со храна до ефикасна дистрибуција низ градот и достапност на храна за сите граѓани. Истите процеси подразбираат добро функционален градски “метаболизам”, каде ресурсите се апсорбираат ефикасно и оптимално, и без акумулиран отпад. Но, од друга страна, градовите имаат и „индиректен“ интерес за системот за храна кога станува збор за планирање на местата каде што ќе се продава храната и остварување на потенцијална пазарна добивка. Ова придонесува кон нерамномерен пристап до храна и огромни проблеми со отпадот, како и акумулација на конечни ресурси како што е фосфорот.
За да се надминат овие проблеми, градовите веќе преземаат поактивна улога во преобликување на синџирите на вредност на храната преку зголемување на можностите за урбано производство на храна. Урбаното земјоделство може да се воспостави во речиси секоја област на градот како јавни места и паркови, станбени згради и станови, на покриви, до ресторани, во дворови и слично. Во зависност од просторот, типот на технологијата, видот на храна која се произведува како и за кого е наменета денес постојат голем број на уникатни типови на урбано земјоделство и тоа: вертикално производство, хидропоника, аквапоника, производство на печурки и други форми на производство.
Исто така, градовите влијаат и на моделите на потрошувачка на храна, создавање на јавни набавки кои овозможуваат пристап до безбедна храна, но и преку дијалог и поттикнување на граѓаните за менување на нивните животни стилови во врска со исхраната. Дополнително, како дел од залагањата се и создавање на партнерства со локални производители и преработувачи на храна за да се обезбеди храна која што е свежа, безбедна, со скратен синџир на транспорт. Освен производството, локалните самоуправи се фокусираат и кон повторно искористување на остатокот од храна преку процеси за третман на отпад.
Проблемите наведени погоре се во фокус на проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CIITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.
Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.
Како очекувани придобивки за градовите од активностите во рамки на проектот се намалување на отпадот од храна, обезбедување пристојни можности за егзистенција и безбедна храна за сите и промовирање одржливи начини на производство на храна. Визијата на CITIES2030 е да ги поврзе кратките синџири за снабдување со храна, градовите и регионите, потрошувачите, како и стратешките партнери во индустријата, граѓанското општество, стартап компаниите, малите и средните претпријатија, иноваторите, водечките универзитети и истражувачките центри преку создавање и користење на една дигиталната платформа за управување со урбани системи за храна и екосистеми базирана на блокчеин технологија.