Можеме ли да се откажеме од интензивното индустријализирано земјоделство, а сепак да го храниме светот?
445 Прегледи
Категории:
Зелен развој
Од урбано земјоделство до беспилотни летала, иновациите можат да помогнат да се премости јазот помеѓу производството и потрошувачката на храна.
Производството на храна ширум светот мора двојно да се зголеми во следните 30 години за да се одржи глобалното население кое се очекува да достигне 10 милијарди до 2050 година.
Во споредба со 2010 година, во 2050 година ќе бидат потребни дополнителни 7400 трилиони калории годишно.
Ова се наодите од извештајот објавен во декември од страна на Светскиот институт за ресурси во врска со „јазот во храната“ помеѓу тековното производство и растечката потрошувачка.
Пренамената на нови земјишни површини во обработливо земјиште подготвено за производство е еден од одговорите за пополнување на оваа празнина, но оваа мерка сама по себе не може да го реши проблемот. Наоѓањето на толкави површини би значело крај за многу од преостанатите шуми, мочуришта и диви области на земјата, што би довело до ослободување на јаглеродот складиран во нив, забрзувајќи ги климатските промени.
Интензивното земјоделство веќе имаше огромен ефект врз биодиверзитетот и животната средина ширум светот. Пестицидите, кои помогнаа во зајакнувањето на производството на житарки и овошје, исто така убиваа пчели и огромен број видови инсекти.
Вештачките ѓубрива кои се користат за обогатување на осиромашена почва, исто така, имаат несакани штетни последици. Досега најголемата поморска „мртва зона“ беше откриена во Мексиканскиот залив минатата година, како резултат на директен испуст на вештачки ѓубрива и арско ѓубриво од месната индустрија, кои без претходен третман истекуваат од копното директно во водите на заливот. Хемиските ѓубрива, исто така, директно придонесуваат за климатските промени, преку стакленичкиот гас азотен оксид и во директно загадување на воздухот преку испуштање амонијак.
Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (FAO), водечкото тело во светот задолжено да се грижи за нашето идно снабдување со храна, оваа година повика на „трансформативна промена во нашите системи за храна“.
Најочигледната алтернатива на индустријализираното интензивно земјоделство во развиениот свет е органското земјоделство. Етикетата органски, или био, е позната во многу супермаркети, но сочинува само 2% од продажбата на храна во Велика Британија и околу 5,5% во САД.
Органските фармери мора да се придржуваат до строгите правила за тоа како ги одгледуваат своите култури и како го одгледуваат својот добиток. Овие правила вклучуваат регулирана употреба на антибиотици кај животните само кога е неопходно, целосно отстранување од употреба на хемиски ѓубрива и пестициди во корист на природните алтернативи како што се арското ѓубриво и пепелот од дрво, и умерена употреба на земјиште за проширување на фармите како не би се загрозиле постојните живеалишта на дивиот свет.
Роб Персивал, шеф на одделот за креирање на политики во Здружението за почва, вели дека органското земјоделство може да го нахрани светот, доколку моделите на потрошувачка се прилагодат. „Потребна ни е итна промена и во производството и во потрошувачката ако сакаме да ги избегнеме најлошите последици од климатските промени, вклучително и промена на исхраната кон помалку и подобро месо“, вели тој.
„Испасувањето на добитокот на пасиштата може да го поддржи здравјето на почвата и да го подобри задржувањето на јаглеродот во неа. Од друга страна, изметот од добитокот може да обезбеди плодност на почвата за другите култури“.
Тој додава дека продуктивноста на органското земјоделство е далеку поголема отколку што претходно се мислело. „Кога ќе се земат предвид еколошките и другите штети предизвикани од високата потрошувачка на енергија и хемиските инпути во неорганското земјоделство – органската храна е поевтина за општеството и подобра за планетата“.
За многу фармери, инвестицијата и времето потребни за исполнување на органските стандарди може да претставуваат скап чекор, но постојат начини за придвижување кон поодржливо земјоделство без органска сертификација.
„Агроекологија“ е името дадено на широк спектар на земјоделски техники кои се обидуваат да го минимизираат влијанието на земјоделството врз животната средина. Тоа опфаќа органско земјоделство, но е неформално и не бара сертификација и инспекција.
„Станува збор за користење на природни системи“, вели Вики Хирд, активист за храна и земјоделство од невладината организација „Sustain“.
„Намалувањето на употребата на вештачки хемикалии, како што се ѓубрива и пестициди е важен дел од тоа. Внимателно следење на здравјето на почвата, одржување на здравјето на почвата, земање во предвид на природните циклуси на штетници, природните предатори и циклусите на културите – се дел од техниките кои ги користи агроекологијата.
Таа тврди дека агроекологијата може да биде широко прифатена како алтернатива за штетното индустријализирано земјоделство. Земјоделците можат да сеат култури како детелина, која понатаму служи како покривка, за да го потиснат плевелот и да ја вратат органската материја во почвата. Воедно, културите можат да се ротирасат, вклучително и зеленчукот, особено мешунките кои го фиксираат азотот во почвата.
„Различноста е клучот“, вели Хирд. „Засадувањето на земјиштето со монокултури не помага да се управува со истото на природен начин и може да го оштети биодиверзитетот“.
Диверзификацијата на култури, исто така, носи бенефити. Различните култури и постарите семиња имаат свои предности, вклучувајќи природна отпорност на одредени болести, штетници или состојби.
„Можете да добиете помал принос со овие методи“, признава Хирд, „но добивате повисоко ниво на хранливи материи во произведената храна“.
Некои фармери одат уште еден чекор подалеку и ги прифаќаат концептите како пермакултурата и биодинамиката. Принципите на пермакултурата вклучуваат разбирање на односите помеѓу растенијата и нивно користење во комбинации, често користејќи ги нуспроизводите од процесот како ѓубрива.
Биодинамиката има поинаков пристап, следејќи ги заповедите на Рудолф Штајнер и инкорпорирајќи духовен аспект, на пример, во некои случаи усогласување на садењето и бербата со лунарните календари.
Мочуриштата, кои ширум светот се грубо деградирани, може да се управуваат и органски преку палудикултура. Ова бара повторно навлажнување на веќе исушените мочуришни области, барајќи алтернативни растенија кои добро виреат во такви услови, вклучително дрвја и жбунести растенија, како и лековитите растенија како што е тресетот. Оваа метода, исто така, овозможува формирање на нови пасишта за добитокот.
Урбаното земјоделство може ефикасно да испорача храна (или барем некои свежи производи) до густо населените места без емисии на стакленички гасови и загуба на хранливи материи поврзани со нејзиното транспортирање на долги растојанија. Урбаното земјоделство веќе произведува околу една петтина од светската храна.
Во моментов има повеќе од 3000 урбани шеми за земјоделство само во Лондон. Тие потсетуваат на „пазарните градини“ и млекарниците од Викторијанската ера, кога малите фарми за зеленчук биле сместени во самите градови или во близина на истите, а кравите биле чувани на зелените градски површини, со што никогаш немало недостаток од свежо млеко.
Кравите од Хајд Парк, кои им даваа свежо млеко на лондончани, беа позната глетка до Првата светска војна. Во блиска иднина, не би било чудно доколку лондонските хипстери го возобноват овој тренд.
Не! Постојат повеќе од 570 милиони фарми ширум светот; повеќе од 90% се управувани од поединец или семејство и се потпираат првенствено на семејниот труд. Тие произведуваат околу 80% од светската храна.
Малите фармери ќе бидат клучни за транзицијата, вели Роналд Варгас, одговорно лице за почва и земјиште во FAO. Многу мали фармери се сиромашни и несигурни, но FAO смета дека инвестирањето во малопроизводството е „најитно и најперспективно средство за борба против гладот и неухранетоста, притоа минимизирајќи го еколошкото влијание на земјоделството“.
Нема недостиг од иновации и технологија кога станува збор за подобрување на ефикасноста и приносите – и на индустриските фарми и во малите стопанства. GPS, беспилотни летала (дронови) и прецизни податоци за топографијата, почвите и другите аспекти на обработливото земјиште кои им овозможат на земјоделците да таргетираат одредени области со вештачки ѓубрива, пестициди и вода, наместо целосно прскање – се само дел од модерната технологија која на широка врата влегува во земјоделството.
На пример, Олам, глобален агробизнис кој произведува какао, кафе, шеќер, памук и други култури, користи мониторинг во реално време на своите плантажи за точно да ги процени количините на ѓубрива и да ја избегне потребата од превентивна употреба на пестициди. Неговите бадемови дрвца во Австралија се опремени со сензори за следење на точното количество вода и кога таа му треба на секое дрво.
Во делови од светот каде што постои сериозен недостаток на простор, односно каде што земјишните парцели имаат релативно високи цени – замав зема т.н. вертикално земјоделство. Вертикалното земјоделство подразбира засадување култури, обично зеленчук, во плитки контејнери наредени во слоеви (еден врз друг). Висината на вертикалните фарми е флексибилна и е индивидуална одлука на самиот фармер. На овој начин, не само што се заштедува простор, туку може и поефикасно да се управува со искористување на водата и енергијата, бидејќи водата може да се пумпа до врвот и да се дозволи да тече надолу со помош на гравитацијата.
Некои системи користат хидропоника, со која растенијата се потопуваат во вода што содржи минерални раствори, наместо почва. Температурите може внимателно да се контролираат, водата повторно да се користи и хранливите материи да се рециклираат. Софтверските системи можат да ги контролираат механизмите за испорака и да следат како напредуваат растенијата.
Во следното видео можете да погледнете како практично изгледа и на кој начин функционира една хидропонска фарма:
Способноста за контрола на светлината, температурата, воздухот и другите фактори на животната средина отвораат нови погледи за земјоделството. Порано, земјоделството во затворен простор беше резервирано претежно за одгледување на печурки. Денес, во соодветни услови кои ние самите ги регулираме, може да се одгледува речиси секоја култура која ќе ни падне на памет.
Ако LED диодите можат да го заземат местото на сончевата светлина, многу поголема разновидност на растенија ќе може да напредува во овие услови. На тој начин, не само што ќе биде возможно земјоделство од мали размери на покривите од зградите, туку ќе можат да се приспособат и подрумите, и секаков друг вид подземни простории – од веќе обработените рудници до старите железнички линии. Ова отвара голем спектар на потенцијално одржливи места за одгледување на прехранбени производи со краток циклус.
ПОВЕЌЕ ЗА УРБАНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО ПРОЧИТАЈТЕ НА ЛИНКОТ: https://bit.ly/3plfPD0
Потпирањето на земјоделството врз вештачките ѓубрива и техниките на интензивно земјоделство не се случи преку ноќ, туку беа потребни децении. Патем, овие методи направија револуција во земјоделството и овозможија огромен пораст на населението и економски раст. Сега имаме мноштво научни докази кои покажуваат дека продолжувањето по истиот пат уште повеќе би ги влошило климатските промени, би довело до истребување на видови кои се од витално значење за човечкиот живот, а воедно би предизвикало и загадување на водата и воздухот и смрт на нашите почви.
„Индустриското земјоделство ги искористува достапните природни ресурси на нашата планета до неодржлива мера“, вели Варгас од FAO. „Основната стратегија за замена на човечкиот труд со земјоделски машини, агрохемикалии и фосилна енергија е ќорсокак во време на климатски промени, намалени резерви на нафта и прекумерно експлоатирани природни ресурси“.
Експертите велат дека сега е потребна втора револуција, која ќе ги опфати не само нашите методи на одгледување, туку и навиките за потрошувачка и целиот аспект на креирање на политики и економија на храната. Ова би требало да ги вклучи земјоделците, трговците на мало, владите и потрошувачите. Во земјоделската револуција од минатиот век, беше понудена само една иднина: индустријализација. За овој век ќе има мноштво алтернативи и комбинации на нова и стара технологија и сите ќе имаат свој придонес.
„Не постои некојаогромна концептуална промена при којаправите сè поинаку и сè ќе биде во ред“, вели Тим Серингер од Универзитетот Принстон и Светскиот институт за ресурси. „Нема еден единствен одговор. Има многу, многу работи што можеме и треба да ги направиме“.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.